Електрични тротинети - во големо на улиците но не и во законите - Bits of insurance

Електрични тротинети – во големо на улиците но не и во законите

Електронската револуција е на прагот, можеме да ја забележиме насекаде околу нас. Токму еден од продуктите на револуцијата станува се попопуларен на скопските улици – како што веќе претпоставивте тоа се електричните тротинети.

Тежат околу 10 до 15 килограми а достигнуваат брзини од 35км на час. Тие се едни од најприфатливите превозни средства во градови со рамна површина како што е Скопје. Тие се одличен начин за да заштедите пари, да придонесете кон почиста околина и да го избегнете метежот. Предностите се дефинитивно значителни, но не е се така розово. 

 

И покрај енормната употреба на електричните тротинети, тие се уште не се регулирани со закон. Најчесто можеме да ги забележиме на пешачките и велосипедските патеки, но на превозно средство што може да се движи до 35км на час дефинитивно не му е местото во пешачката зона.

Брзината со која се движат и недостатокот на правила претставува се поголем проблем. Возилата кои се движат побрзо од пешаците не смеат да бидат присутни на тротоарите и пешачките зони. Граѓаните се жалат дека електричните тротинети им пречат на јавните шеталишта, прават да се чувствуваат небезбедно и непријатно. Се прашуваат дали за нив постојат закони.

Кој ќе одговара во случај на сообраќајна несреќа?

Доколку електричен тротинет удри во пешак или во друг електричен тротинет може да дојде до сериозна повреда. Но кој би бил одговорен во овој случај? Како би испратиле барање до вашата осигурителна компанија за повреда од превозно средство кое не е регулирано во закон?

Каде да го возите?

Ова е прашање на кое што очекуваме што поскоро да добиеме одговор од МВР. Некои го возат по тротоарите, некои по велосипедските патеки а некои дури и по коловозот. Кој е во право – не знаеме поради тоа што се уште не постои закон за нив.

Дали наскоро можеме да очекуваме нивно законско регулирање?


„Со оглед дека појавата, односно учеството на електричните тротинети во сообраќајот стана зачестена појава по сообраќајниците, а имајќи предвид дека овој вид на превозно средство не е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот, а сè со една цела – нормативно регулирање и воспоставување стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот“, велат од МВР.

Тамара Илиева