Наскоро на Рекорд нема да се движат возила - Bits of insurance

Наскоро на Рекорд нема да се движат возила

Низ центарот на Скопје наскоро нема да се движат возила. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов го потврди ова преку пост на Фејсбук. Тој вели дека во моментов работат на проектот потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома бјанка“ да стане пешачка зона.

Планот е улицата пред Рекорд да биде поплочена, евентуално со можност нејзе да ја користат само автобусите на ЈСП. Истовремено планирано е и проширување на паркот Жена борец во насока кон зградата на Парламентот.

“Она што сега го работиме е догодина целосно да се затвори Мал ринг за возила и да стане пешачка зона, како што е секаде во светот. Тој дел ќе добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот ’Жена борец‘ ќе се прошири кон Собранието. Размислуваме единствено на тој простор да се движат автобусите од јавниот превоз. Паралелно ќе се работи на проширување на улицата Даме Груев во булевар” стои во Фејсбук објавата на градоначалникот.

Токму улицата Даме Груев, за која се планира да се прошири и да биде со четири ленти, ќе биде алтернативната сообраќајница низ која ќе се движат возилата. За да се овозможи нејзино проширување ќе биде срушена зградата на поранешен Макотекст како и околните паркинзи.

И покрај тоа што одлуката има поддршка од дел од граѓаните, другиот дел се скептични за неа и сметаат дека единствено решение за сообраќајниот хаос во центарот на градот е проширување на улицата Даме Груев, со истовремена изградба на подземна сообраќајница од кај Палома Бјанка до Парламентот на Република Македонија.

 

Тамара Илиева