Инстаграм во борба со лажните вести - очекувајте нов апдејт - Bits of insurance

Инстаграм во борба со лажните вести – очекувајте нов апдејт

Социјалните мрежи, веб страниците, телевизиите многу често се преплавени со лажни вести. Пред неколку години, за време на изборната кампања во САД нашата држава „се прослави“ токму поради овој вид на вести. Светски познати медиуми изјавуваа дека илјадници лажни вести извираат токму од еден наш град.

Со развојот на технологијата и зголемувањето на достапноста на интернетот, се поголема е слободата за изразување. Оваа слобода покрај сите предности што ги има, може лесно и да се злоупотреби. Во денешно време одредувањето на кои вести се навистина легитимни станува предизвик. 

Со цел да го спречат ширењето на дезинформации Фејсбук имаат посебна опција за пријавување на лажни вести, а сега и Инстаграм се придружува во борбата против лажни вести. Тие најавија нова опција за пријавување на вести кои што шират неточни информации. Постовите можеби нема да бидат избришани но ќе бидат трнати од Explore секцијата како и од кај хаштаговите кои се употребени во постот. Навидум, новиот апдејт ќе стапи на сила кон крајот на месецов. 

Овие поплаки ќе се користат за да тренираат алатка за вештачка интелигенција, соопшти Инстаграм. Целта е потоа оваа алатка автоматски проактивно да ги наоѓа лажните приказни пред некој да ги пријави. Инстаграм исто така соопштуваат дека новите измени се само „првичен чекор“ и дека „посеопфатен пристап“ ќе пристигне понатаму.

Се надеваме дека оваа нова опција успешно ќе не заштити од лажните вести. Останува да видиме дали и другите водечки социјални мрежи ќе земат пример и ќе воведат заштитни мерки од ширењето на лажни информации.

 

Тамара Илиева