Што е реосигурување? Дали вашите осигурителни полиси се обезбедени? - Bits of insurance

Што е реосигурување? Дали вашите осигурителни полиси се обезбедени?

Реосигурување е осигурување на осигурителните компании. Законски осигурителните компаниите мораат да имаат покритие за ризиците кои што ги преземаат. Затоа склучуваат договори за реосигурување.

Каде можат да постојат ризици кај осигурителните компании?

Најпрво осигурителните компании се акционерски друштва чија задача е да го максимизираат профитот за акционерите. Тие како и другите типови на финансиски друштва (банките и инвестициските фондови) имаат инвестициска компонента. Така парите кои што ги уплаќаме за полисата се инвестираат. Од осигурителните компании се очекува да имаат конзервативна политика при инвестирањето. Тоа значи да инвестираат во малку профитабилни, но и малку ризични типови на инвестиции.

Најчеста инвестициска стратегија на осигурителните компании е да инвестираат во државните обврзници. Со растењето на кредитниот рејтинг на Македонија во 2019та година,  неминовен е и растот на рејтингот на осигурителите.

Дали вашата полиса е реосигурана?

Доколку се работи за голем имот и голема можна штета морате да го прашате вашиот осигурителен агент/брокер/компанија дали вашта штета е реосигурана? Доколку тоа е случај со каков договор и која е компанијата која што носи дел од ризикот? Колкав е кредитниот рејтинг на таа компанија?

Според законите во Македонија, осигурителните компании во текот на годината пред да зпочнат со деловно работење треба да  усвојат програма за планирано реосигурување. За да се предвиди и регулира колкаво покритие компаниите мораат да имаат постои посебна област во математиката – актуарство.

Ваквите математичари специјалисти т.н. Актуари се лиценцирани лица  во осигурителните компании кои што ги пресметуваат ризиците. Тие сметаат колку штети по број и волумен можат да се очекуваат следната година за секој тип на ризик т.е. класа на ризик. 

Врз основа на овие пресметки и капиталот со кој што располага компанијата се изготвува документ кој се нарекува лимит на максимални покритија.

Осигурителната компанија составува Табела на максимално  покритие која ги содржи износите  на максимален самопридржај (задржан ризик) и износите на максимално покритие од по одделни класи на осигурување, односно одделни ризици во рамките на класите на осигурување. Осигурителната компанија мора да го реосигура делот од преземените ризици кој го надминува неговиот максимален самопридржај (задржан ризик), согласно Табелата за максимално покритие.

Основата за одредување на износот на максимална можна штета, во општ случај, треба да  биде 100%‐ен износ од осигурената сума – целосна штета. Помал процент може да се примени во  исклучителни случаи, но само ако биде придружено со доволна аргументација која ќе ја прифати надзорниот орган.

За да го прегледа Табелата на максимални покритија, да ги постави стандардите во индустријата постои надзорно тело. Во некои држави тоа се народните банки а во Македонија тоа е Агенцијата за Супервизија на Осигурувањето (АСО).

Дали осигурителните компании можат да изгубат лиценца за осигурување?

Во Македонија сеуште се нема случено осигурителна компанија да изгуби лиценца за осигурување, но неколку компании биле блиску до истото. Албсиг во текот на Јуни ја изгуби лиценцата во Косово. Доколку осигурителните компании немаат квалитетна инвестициска политика и политика на реосигурување АСО мора да реагира и да им ја одземе лиценцата.

Што е реосигурување?

Реосигурувањето претставува пренесување на остатокот од ризикот на осигурителната компанија на реосгурителна.

Постои и пренесување на ризик меѓу две осигурителни компании и тоа се нарекува со-осигурување.

Предавањето на ризик се нарекува цесија. Задржувањето на дел од ризикот се нарекува самопридржај (retention). Како крајни корисници плаќаме за осигурителната компанија да го сервисира нашиот ризик. За тоа склучуваме договор со покритија и услови. На мошне сличен начин и осигурителните компании соработуваат со реосигурителните.

Реосигурувањето му овозможува на осигурителот да го зголеми капацитетот на преземање ризик. Практично осигурителната компанија која што ќе склучи нов договор за реосигурување законски си го зголемува капацитетот. Со тоа може да продолжи да продава осигурителни полиси.

Исто како и осигурувањето и реосигурувањето е високо регулирана гранка. Па така и реосигурителот го утврдува сопствениот капацитет на носење ризик.

Кога реосигурителната компанија ќе прими ризици над својот капацитет, таа ги предава ризиците на друг реосигурител. Реосигурувње на реосигурител се нарекува ретроцесија. Ретроцесијата е многу честа кај осигурување на големи ризици. На пример осигурителна полиса за сите полицајци во Македонија.

Најчесто при посредување на вакви ретроцесии, како и при склучувањето на договор меѓу осигурителни и реосигурителни компании постојат реосигурителни брокери.

Постојат различни типови на реосигурување. По траење се делат на факултативни (краткорочни ад-хок) и трити реосигурување кое што е најчесто подолгорочна соработка. По начин на сервисирање на ризик се делат на пропорционални договори и непропорционални реосигурителни договори.

Дали е можно да се избере странска компанија која ќе го осигура вашиот ризик?

Постојат и случаи кога комплетниот ризик се реосигурува и кога основната осигурителна компанија не задржува ниту еден дел од истиот. Тие случаи се нарекуваат фронтинг.

Доколку имаме голем ризик и сакаме да биде сервисиран од светска компанија можеме да преговараме со осигурител во Македонија да изработи т.н. фронтинг договор.

Не може да се склучи директно договор со странскиот осигурител бидејќи е забрането осигурителни компании кои не се регистрирани во Македонија да работат во Македонија. Па така многу честа практика е странски градежни фирми во Македонија да имаат фронтинг договори.

Се надеваме дека со ова ги разјаснивме основните поими во реосигурувањето и дека во иднина ќе се информирате подобро кога купувате полиси со поголеми можни ризици.

Можете да прочитате повеќе за: