Доколку го оштетите возилото на дупка, Општината треба да Ви надомести! - Bits of insurance

Доколку го оштетите возилото на дупка, Општината треба да Ви надомести!

После топењето на снегот се открија дупките кои се дополнително зголемени поради солта која ја фрлаа надлежните служби. Претодно пишувавме за Вашите права во случај да Ви се случи незгода по тротоарите , но тоа важи и за улиците.dupka

Имено, Општините кои според законот се надлежни за одржување на патната инфраструктура и јавните површини, во скоро време ќе имаат и нови обврски околу пополнување на истите. Но, дотогаш (а и после тоа) мора да знаете една битна информација. Доколку го оштетите Вашето возило на некоја од дупките по улиците, имате право на барање на надомест од Општината или градот надлежен за одржување на улицата каде се случил настанот.

Од сега на територија на цела Македонија, во случај на оштетување на возилото поради лошиот квалитет на улиците ќе може да пријавите и побарате обештетување од општините кои се задолжени за одржвање на патиштата.

На територија на Град Скопје, но и пошироко на цела територија на Република Македонија сме сведоци во каква состојба се патиштата, без разлика дали се главни или споредни улици, вклучително и автопатиштата. Согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа Општините се надлежни за изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти”, и од ова произлегува дека во случај на предизвикана штета заради редовна употреба на оштетените улици, Општината или Градот Скопје во чија надлежност е одржувањето на улицата е одговорна за штетите предизвикани при редовното користење на истите од страна на граѓаните.

Граѓаните коишто претрпеле штета при редовното користење на улиците, којашто е предизвикана заради оштетеноста на истите, имаат право да побараат надомест на настанатата штета од надлежната општина.

Доколку возите низ град и со тркалото пропаѓате во дупка, а притоа ви се искривува бандажот и пропратно се оштетуваат и останати делови од подвозјето, не сте виновни вие бидејќи не сте ја избегнале дупката, таа едноставно не требала да биде таму. Вие практично немате обврска да возите слалом по улиците за да ја зачувате Вашата кола во здрава и исправна состојба.

Во секој случај, внимавајте!

Гане Ангелов