Швајцарија на референдум против осигурителното шпионирање - Bits of insurance

Швајцарија на референдум против осигурителното шпионирање

Помислата некој скришно да ве снима додека седите на балкон или во паркот сигурно е вознемирувачка. Замилете тој некој да е приватен детектив кого го најмила осигурителната компанија да истражи дали измамнички го користите здравственото осигурување. Таквото сценарио ја подели Швајцарија пред неделниот референдум на кој избирачите одлучуваат дали е дозволен ваквиот вид на шпионирање. Законот што го предложи сојузната влада предвидува посебни овластувања за прибирање информации за „лажните пациенти“ и вклучува „тајно набљудување“. Цел на ова се луѓето за која осигурителите се сомневаат дека сакаат да го измамат системот. Анкетата на институтот GFS Bern предвидува дека за законот ќе гласаат околу 60 проценти од избирачите. Но противниците собраа повеќе од 100,000 потписи колку што е потребно за распишување на референдум. Тие тврдат дека таквиот законски предлог го крши правото на приватност.svajcarija1

Европскиот суд за човекови права

Надзор над луѓето кои го мамат системот не е новост во Швајцарија, но таа пракса е прекината во 2016-та година. Ова дојде по одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) кој пресуди во корист на швајцарскиот осигуреник Saveta Vukota-Bojić. Таа се пожалила дека поради надзорот е прекршено нејзиното право на приватност. Vukota-Bojić ја прегазил мотор во 1995-та, а десет години подоцна била повикана на лекарски преглед кој го одбила. Нејзиниот осигурител најмил детективи да ја следат, а по завршениот надзор нејзините парични повластувања биле намалени за 90 отсто. Таквата одлука ја потврдило швајцарското правосудство, но не и ЕСЧП за кој таквиот тип допуштен надзор „не е доволно прецизиран“.

Надзор на јавни места и приватни имоти

„Чесните здравствени осигуреници немаат причина за загриженост, нема да се менуваат услугите чии приматели се“. Ова го изјави Mauro Tuena, застапник на Демократскиот сојуз на центарот (UDC). Silvia Schenker од швајцарските соцјалдемократи, тврди дека законскиот предлог е „непрецизен“ и е донесен под влијание на осигурителните друштва. „Ако парламентот сака да дозволи надзор над осигурениците, мора да ги ограничи обврските јасно и без можност за двојно толкување“. Таа исто истакна дека законот не им забранува на осигурителните компании да ги снимаат луѓето на нивните приватни имоти. Законот им дозволува на осигурителните детективи да снимаат видеа од јавни места и од приватни имоти видливи од јавно место. Како што се балконите. На компаниите не им треба дозвола од судот да вршат надзор, туку само „конкретни индикации“ за измамнички оштетни барања.

Надмоќ на швајцарското право

Друг можен исход од швајцарскиот референдум е швајцарското право да се стави над меѓународните конвенции потпишани од Швајцарската Конфедерација. Текстот на предлогот е подготвен од UDC, а предвидува швајцарскиот устав да има предност пред меѓународното право. Ова е опасен експеримент кој не само што е штетен за угледот на Швајцарија, туку веќе и предизвика конкретни проблеми.  „Швајцарија има потпишано над 600 економски спогодби врз основа на кои извезува во странство“ – објаснува Oliver Steimann, противник на предлогот. Тој е претставник на бизнис лобито. Меѓутоа, UDC е единствената партија која заговара ваков законски предлог, кој според анкетите не би требало да помине на референдумот.

Гоце Илиевски