Разликата помеѓу соосигурување и реосигурување - Bits of insurance

Разликата помеѓу соосигурување и реосигурување

Соосигурување е кога две осигурителни компании ќе решат да си го споделат ризикот. Реосигурување е осигурување на осигурителните компании. razlika

Осигурувањето е средство за заменување или пренасочување на ризикот. Кога е склучен договор за осигурување, осигурителот има обврска на осигуреникот да му ја исплати штетата за настанатиот осигурен настан.

Осигурувањето е економски инструмент, каде што индивидуата менува определена мала сума пари (премија) за голема несигурна финансиска загуба (можен настан од кој се осигуруваме). Со склучување на договорот за осигурување осигуреникот се стекнува со сигурност. Осигурувањето не ја намалува неизвесноста дека очекуван настан ќе се случи или нема да се случи. Тоа ја намалува веројатноста за финансиска загуба по случен осигурен настан.

Поим на соосигурување

Кај соосигурувањето исто како и кај осигурувањето постои примарна распределба на ризикот. Но во овој случај, ризикот се распределува помеѓу помеѓу две или повеќе осигурителни друштва. При настанување на осигурен штетен настан секој осигурител има обврска да ја исплати штетата во зависност од делот што го покрива со договорот за соосигурување. Во овој случај се потпишува еден договор за осигурување каде што имаме осигуреник и повеќе осигурители. Овде постои т.н. хоризонтална поделба на ризикот каде што се создава директна поврзана обврска на повеќе осигурители спрема еден ист осигуреник. Во договорот за осигурување наведени се сите осигурители со висината на делот со кој учествуваат во исплаќање на штетата, и осигуреникот на кој гласи осигрувањето. Секој осигурител индивидуално го презема својот дел од обврската, го покрива делот од ризикот во чие осигурување учествува.

Што е реосигурување?

Реосигурувањето има „капитална улога“. Осигурителот има можност да пренесе дел од својата обврска спрема осигурителот, или пак целата обврска на реосигурител. Кај реосигурувањето постои секундарна или вертикална распределба на ризикот. Осигурителот доколку смета дека настанот е доста ризичен, целосно или делумно го реосигура кај реосигурител. Реосигурувањето практично претставува пренесување на вишокот ризик на друштвото за осигурување на друштво што извршува работи од реосигурување. Се разликува од соосигурувањето по тоа што сите соосигурители имаат обврски кон осигуреникот, а кај реосигурувањето доколку осигурителот не е во состојба да покрие определен ризик, самиот доброволно, делумно или целосно „го осигурува“. Осигурителот (цедент) отстапува дел од својот долг спрема осигуреникот на друг субјект – реосигурителот (цесионер). Реосигурителот има право доколку не е во можност да го покрие преземениот ризик од сопствениот капацитет, да го реосигури истиот. Добро позната е поговорката – секое добро осигурување почнува со реосигурување.

Гоце Илиевски