Зошто мора и зелен картон? - Bits of insurance

Зошто мора и зелен картон?

Зелениот картон го сметаме секогаш како дополнителен удар врз семејниот буџет и секоја година се прашуваме дали и зошто ни треба. Иако со години се најавува негово укинување или спојување со полисата која се вади при регистрација, ситуацијата останува непроменета. И покрај се, македонските возачи сеуште плаќаат најскап зелен картон во регионот и од таму произлегува опавданоста на реакциите. Зелениот картон е врзан со важноста на регистрацијата, па тоа значи дека мората да внимавате и на тој детал, без разлика дали сте го извадиле подоцна од регистрацијата на возилото.

zelen karton

Намена на зелениот картон

Зелениот картон практично е меѓународно осигурување на Вашиот автомобил. Во случај да се случи сообраќајна незгода во земјите каде тој важи, зелениот картон ја претставува полисата за осигурување на Вашиот автомобил. Врз основа на податоците од зелениот картон се прави записник од страна на официјални лица за настанатата штета, по што Вие можете да ја продолжите процедурата со обештетување.

Каде важи зелениот картон?

Она што треба да го знаеме е дека зелените картони се географски ограничени на Европа и Медитеранот и земјите кои гравитираат кон нив. Но не сите – овој систем опфаќа вкупно 47 земји: сите европски освен Косово, плус Израел, Иран, Тунис и Мароко. Тоа значи дека ако патувате, на пример, во Египет, ќе треба да платите посебно осигурување. Македонија со Косово има меѓусебен договор па за таму не сме оптоварени со дополнителни трошоци, но ако сте наумиле да возите низ другите делумно меѓународно признати земји или територии, како што се Транснистрија, Абхазија, Јужна Осетија, Нагорно Карабах, Северен Кипар, Палестина и Сахарска Арапска Демократска Република, тогаш ќе платите за осигурување за таму.

Колку кошта зелениот картон?

Цената на зелен картон на патничко возило до 66 киловати на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 киловати за една година е 5.536 денари. Цена за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 киловати e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и за автобусите е 17.222 денари. Важност на годишната зелена карта е во рамките на времетраењето на полисата за автомобилска одговорност, односно истекува со регистрацијата.

Покрај зелениот картон, наш совет е секогаш да имате со Вас патничко осигурување кое е неопходно кога патувате надвор од државата, за Ваша безгрижност. Среќен пат!

Гане Ангелов