Ќе има ли пензија за нашите генерации? - Bits of insurance

Ќе има ли пензија за нашите генерации?

Речиси и да нема вработен во земјава кој не знае дека во Македонија мажите се пензионираат со навршени 64 години старост, а жените со 62 години и минимум 15 години работен стаж, по што секој месец се добива заслужена пензија. И на многумина оваа информација им е сосема доволна. Но, има и некои дополнителни информации за кои никогаш не сме размислиле, а се значајни за секој работник.

penzija

Секој вработен после 2003та има дополнителна пензија

Звучи премногу добро за да е вистинито, но точно е. Сите вработени по 1 јануари 2003 година задолжително стануваат членови и на вториот приватен пензиски столб, покрај задолжителното плаќање придонес на првиот државен пензиски столб. Со тоа по пензионирањето освен редовната државна пензија на располагање ќе ја имаат и пензијата акумулирана на нивната индивидуална сметка во вториот столб. Тоа се пари кои се издвојувале од нивната плата во текот на работниот век, а истовремено и се зголемиле благодарение на приносот од инвестирање на средствата кој го остварил Друштвото кое управува со нивниот задолжителен приватен пензиски фонд.

Средствата се инвестираат

Средствата на сметката во пензискиот фонд во кој членувате ги управува пензиското Друштво, сѐ додека не го остварите правото на пензија или додека не заврши исплатата на програмирани повлекувања кои ги исплаќа Друштвото. Тие средства се инвестираат според многу строги правила утврдени со закон со кои се обезбедува соодветна распределба на средствата со што се заштитени од евентуален пад на нивната вредност. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) ја супервизира работата на друштвата на дневна основа со цел да се осигура дека друштвата ги следат правилата, а контрола на инвестирањето од своја страна врши и Банката чувар на имотот на пензискиот фонд.

penzija1

Средствата Ви се загарантирани

Кога ќе остварите право на старосна пензија согласно законската регулатива ќе може да ги користите и средствата од вториот столб, односно ќе може да одберете некои од понудените начини на исплата. Доколку не се стекнете со право на старосна пензија поради тоа што немате најмалку 15 години стаж, акумулираните средства од вашата сметка може да ги повлечете наеднаш или во вид на пензија по навршување на 65 години возраст.

 Членството во Вториот столб трае до остварување на правото на пензија

Ова е смирувачка информација за многу луѓе. Доколку останете без работа, не го губите правото на членство и си останувате член во вториот столб. Вашите средства и понатаму се инвестираат и при повторно вработување, уплатата на придонеси продолжува на истата индивидуална сметка во пензискиот фонд каде и претходно сте биле член.

Дополнително, секој по своја желба може да инвестира во третиот пензиски столб, или во животно осигурување, па на крај средствата да одлучи самиот како ќе ги користи.

Гане Ангелов