Кривична поради фалсификување документи за извлекување пари од осигурителна компанија во Австралија - Bits of insurance

Кривична поради фалсификување документи за извлекување пари од осигурителна компанија во Австралија

Од охридската полиција до надлежното Јавно обвинителство беше поднесена кривична пријава против лице вработено во Охридската општа болница, под сомнение дека сторило кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“. Кривична пријава е поднесена и против 60-годишна жена од Демир Хисар под сомнение дека била поттикнувач за вршење на кривичното дело.

Медицински работник подготвил фалсификувани лекарски документи кои ѝ ги предал на лицето од Демир Хисар за таа да ги употреби во осигурителна компанија во Перт, Австралија, за рефундирање на трошоци од лекување поради труење со храна.

Како што информираат од СВР-Охрид, медицинското лице иако знаело дека во периодот од август до септември минатата година жената немала лекарски третман во болница, на празен лист хартија ставило службен печат на болницата и направила лажна лекарска потврда со целосно внесена лажна содржина за наводно лекување и терапија на жената од Демир Хисар во Одделението за внатрешни болести.

Лажната исправа била заверена со факсимил од доктор интернист и со службен печат од Одделението за внатрешни болести.

Дополнително, на име на жената од Демир Хисар, медицинското лице изготвило и лажен документ каса-прими, во која бил внесен износ од 81 000 денари за наплатена на услуга за лекување, која била заверена со истиот печат од Одделението за внатрешни болести.

Жената од Демир Хисар за време на престојот во Македонија, во договор со непознатиот медицински работник со намера да оствари противправна имотна корист за себе, со умисла го поттикнала да направи лажни лекарски исправи и ги употребила во осигурителна компанија во Австралија како вистински, прикажувајќи дека во текот на 2017 година ѝ било дијагностицирано труење со храна.