Збогатете го вашето конто: Станете осигурителен брокер - Bits of insurance

Збогатете го вашето конто: Станете осигурителен брокер

Осигурителен брокер е лице посредник за склучување на договори за осигурување за еден или повеќе друштва за осигурување односно осигурувачи. При извршување на оваа дејност, тие не настапуваат од името на одредено друштво за осигурување и затоа нивна примарна обврска е да ги штитат интересите на осигурениците. Осигурителните брокери најчесто се користат од страна на правни лица кои имаат потреба од комплексно осигурително покритие и сакаат да добијат подобри услови за пониска цена.

Agent advises the couple, signing documents

Што се осигурително брокерски работи?

Осигурително брокерски работи во осигурувањето и реосигурувањето ги подразбираат следниве активности и услуги:

– посредување во договарање или вршење работи за склучување договори за осигурување, како и,

– помош при извршување на правата од договорите за осигурување, односно за реосигурување, а посебно при решавање на отштетни побарувања по остварен осигурен штетен настан.

Осигурителни брокерски работи смеат да вршат само осигурителни брокери, односно физички лица кои за тоа поседуваат лиценца издадена од Агенцијата за супервизија на осигурувањето а која ја добиле врз основа на успешно положениот испит за вршење работи на осигурително брокерски работи во осигурувањето.

Осигурителниот брокер мора да биде во работен однос во осигурително брокерско друштво. Осигурителниот брокер е должен да ги штити интересите на осигурениците, што вклучува давање појаснувања и совети на осигурениците за сите околности релевантни за нивното одлучување во однос на склучување на договори за осигурување за одделни класи на осигурување, или по однос на одделни друштва за осигурување.

За исполнување на своите обврски осигурителниот брокер е особено должен да изготви соодветна анализа на ризикот, земајќи ги предвид сите околности од значење за ризикот на поединечен случај, и со тоа на осигуреникот да му обезбеди најсоодветно осигурително покритие. Исто така, осигурителниот брокер му укажува помош на осигуреникот во текот на важење на договорот за осигурување, како пред така и по настанување на осигурениот настан, а особено да обезбеди дека осигуреникот ги извршил правните дејствија во предвидените рокови, а кои се предуслов за стекнување и уживање на правата кои произлегуваат од договорот за осигурување. Осигурителниот брокер, доколку посредува во реализација на отштетните побарувања, е должен да соработува со надлежните лица – служби на клиентот, за подготовка на доказна документација за основата и висината на отштетното побарување, како и да прибира други потребни докази.

Услови за стекнување на лиценца за осигурителен брокер

Агенцијата за супервизија на осигурување издава лиценца за осигурителен брокер доколку лицето ги исполнува следниве услови:

– да има завршено четиригодишно средно образование;

– да има положено стручен испит за осигурителен брокер;

– да има најмалку една година искуство од областа на осигурувањето или посредување во осигурувањето;

– да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;

– да не извршувало функција на лице со посебни права и одговорности во друштво за осигурување или друго правно лице над кое е отворена стечајна постапка.

Од што се состои стручниот испит за брокер

Стручниот испит за брокер се спроведува по спроведена обука за брокер која ја организира и спроведува Агенцијата за супервизија на осигурување. Обуката за брокер се спроведува врз основа на констатирана потреба од страна на Агенцијата но најмалку еднаш годишно.

Стручниот испит за брокер се состои од два дела: прв дел (теоретски дел) со кој се проведрува теоретското знаење на кандидатите и втор дел (практичен пример) со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката.

Првиот дел од стручниот испит за брокер се полага по предметите: Основи на управување со ризик и осигурување, законска регулатива од областа на осигурување, трговско и облигационо право, посредување во осигурување и етички кодекс, осигурување на живот, Неживотно осигурување, Финансиски аспекти на работењето, Снимање на ризик и посредување при реализирање на штети и реосигурување.

Вториот дел од стручниот испит за брокер се состои од: практичен пример, прашања кои кандидатот треба да ги одговори врз основа на практичниот пример и задачи кои кандидатот треба да ги реши врз основа на практичниот пример. Вториот дел од стручниот испит за брокер се полага за сите предмети од првиот дел од стручниот испит за брокер.

Атанас Димовски