Изјава на АСО за предлог-измените во Законот за супервизија на осигурување - Bits of insurance

Изјава на АСО за предлог-измените во Законот за супервизија на осигурување

aso-logo

Тимот на Bits of insurance побара изјава од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за предлог-измените на Законот за супервизија на осигурување кои влегоа во собраниска процедура претходната недела. Прочитајте во продолжение дел од измените и зошто се предложени истите.

Bitsofinsurance: Предлог-измените на Законот за супервизија на осигурување влегуваат во собраниска процедура, кои промени можеме да ги очекуваме, што би се подобрило со тие промени?

АСО: Клучните предложени измени на постојниот Закон за супервизија на осигурување, се однесуваат на зајакнување на критериумите и стандардите за соодветност (fit and proper criteria) на сите лица кои на било каков начин може да имаат влијание врз деловната стратегија и деловното однесување на друштвата за осигурување и останатите субјекти на пазарот на осигурување (акционери и членови на органи на управување и надзор во друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурување, актуари, застапници и брокери). Во оваа насока, а согласно досегашното искуство во примена на законот и најдобрите меѓународни практики за спроведување супервизија, постојните критериуми за соодветност се зајакнуваат со одредби кои се однесуваат на искуство, знаење, репутација и финансиски капацитет на овие лица, со  цел подобрување на квалитетот на управувањето и раководењето со овие субјекти со цел нивна поголема стабилност, солвентност и долгорочна одржливост како и соодветно исполнување на обврските спрема осигурениците и другите оштетени лица.

Со оглед дека начинот на спроведување на стручниот испит за стекнување со звање овластен актуар кој во 2014 година беше воведен и кој е предвиден со постојниот Закон за супервизија на осигурување се покажа како нефункционален во однос на неговата примена, со предложените измени на Законот за супервизија на осигурување се предвидува стручниот испит за актуар, наместо преку електронски пат на компјутер, да се спроведува како што се спроведуваше до 2014 година односно на начин кој овозможува соодветно професионално и квалитетно испитување на стручната оспособеност на овие лица кое одговара на комплексноста и сложеноста на предметната материја а која во други држави се спроведува на ниво на академска наобразба.

Покрај горенаведените предложени измени, новините кои се предлагаат со измените на законот се однесуваат и на зајакнување на мерките на супервизија кои Агенцијата за супервизија на осигурување може да ги преземе спрема друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва и друштвата за застапување во осигурување.

Со оглед дека Република Македонија влегува во втората фаза од примена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки (ССА) кога македонскиот осигурителен пазар како резултат на преземените обврски од ССА предвидува либерализација на пазарот и негово отворање за влез на странски осигурителни компании кои ќе може да работат на пазарот преку отворање на филијали, со предложените измени се зајакнуваат и одредбите од законот кои се однесуваат на работењето на овие филијали.

Сите горенаведени предложени измени се во насока на  обезбедување на поефикасен пазар на осигурување кој преку соодветни механизми на контрола ќе обезбеди долгорочен стабилен раст и развој и соодветна осигурителна заштита.

Bitsofinsurance: Напомнавте дека имаме измени во делот за актуарите, односно во полагање на испитот за актуар, која е промената? Дали можеме да очекуваме институционално решение кое што ќе се спроведе континуирано или ќе имаме ад хок повици за актуарски обуки и тестирања?

АСО: Овие измени ќе овозможат преку спроведување на едукација и испит за актуари, на среден рок, да се задоволат потребите на осигурителнит пазар од нови осигурителни професионалци во областа на актуарските работи. Односно, со ново предложените одредби ќе се овозможи да се продолжи да се спроведува процесот на едукација и испитување на актуари на начин кој функционираше во периодот од 2002 до 2014 година кога преку неколку циклуси на едукација спроведени од Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување беа едуцирани и сертифицирани повеќе од  30 лица.

На долг рок, сметаме дека едукацијата и професионалното делување на актуарите заслужуваат посебно внимание и соодветен третман кој во целост ќе одговара  на природата и спецификите на оваа дејност за што соодветно ќе се размислува и делува во моментот кога ќе се создаде неопходната професионална инфраструктура која ќе биде во можност да го подржи овој процес и зголеми нивото на професионална наобразба и квалитет на овие професионалци.

Bitsofinsurance: Голем дел од полисите се напишани со стручна литература, дали се планира во иднина полисите да бидат промените на јазик разбирлив за секој граѓанин. Ова е пракса во многу држави во Америка што вродува со позитивни резултати.

АСО: Поголемо разбирање на осигурителната услуга која осигуреникот ја добива од друштвата за осигурување преку соодветно запознавање со ризиците од кои лицето е осигурено, начинот на извршување и обемот на обврските на друштвото за осигурување во случај на настанување на штетен односно осигурен настан, начинот и условите на плаќање на премија и последици од нејзино неплаќање како и други околности значајни за соодветно одлучување на осигуреникот, се клучните сегменти на кои се заснова новата Директива за осигурителна дистрибуција на Европската Унија (Directive (EU) 2016/97). Оваа директива која треба да биде имплементирана во земјите членки на Унијата до 1 октомври 2018 година, се очекува исто така да биде преточена во македонското законодавство.

Новите правила содржани во Директивата кои ќе се однесуваат на сите субјекти кои на било каков начин се вклучени во дистрибуција и продажба на осигурителни производи заедно со активностите на регулаторните тела во делот на зголемување на финансиската писменост на граѓаните и нивно запознавање со потребата од осигурителна заштита, начините на остварување на истата како и запознавање со различните видови на осигурителни услуги и ризици кои истите ги покриваат, се очекува позитивно да влијаат врз целиот процес на донесување на одлуки од страна на граѓаните при избор на соодветен осигурителен производ и склучување на договор за осигурување.

Ние од Bits of insurance ќе продолжиме да се грижиме информациите да бидат што подостапни и поразбирливи за Вас.