Светска банка поддржа издавање blockchain обврзници - Bits of insurance

Светска банка поддржа издавање blockchain обврзници

Светска банка го поддржа издавањето на првите blockchain обврзници наменети за широката инвестициска јавност, а нив ги издава Commonwealth Bank of Australia (CBA).

obvrznici

Според Ројтерс, двегодишна обврзница е издадена на износ од 100 милиони австралиски долари (73,2 американски долари), а носи дивиденда (coupon) од 2,251 проценти. Наречена е Bondi обврзница што е акроним од Blockchain Operated New Debt Instrument, а воедно е референца за најпознатата австралиска плажа. Главниот мотив за нејзиното издавање не е прибирање капитал, туку тестирање дали новите технологии можат да ја променат неколкудецениската пракса во издавањето обврзници.

Наместо долготрајното „рачно издвојување“, новите технологии можат да го направат тоа многу побрзо и поефтино. „Со ова се напушта традиционалното издавање на обврзници кое се состои од упис на инвеститорите и алокацискиот процес, како и намирување и порамнување во депозитот. Наместо тоа, сѐ може да се направи преку интернет и за многу кратко време“. – за Ројтерс изјави James Wall, извршен генерален директор на CBA.

Издавањето го поддржа Светска банка која може да се пофали со ААА кредитен рејтинг. Таквиот рејтинг ѝ помага во нејзината поддршка на развојот на нови пазари за обврзници, како и воведување на нови начини на тргување со хартии од вредност. Во тој контекст Светска банка годишно поддржува помеѓу 50 и 60 милијарди долари во обврзници со цел да се зајакне економскиот напредок на земјите во развој. Австралија е популарен „тест полигон“ за развој на финансискиот пазар поради својата добро развиена инфраструктура и распротранетоста на австралискиот долар. Ова е една од најтргуваните светски валути во глобалните финансиски текови.

Инаки првата blockchain обврзница со рок на доспеаност од 182 денови на почетокот на годинава ја пласираа  рускиот телеком MTS и Sberbank. Обврзницата издадена на 750 милиони рубљи (11,2 милиони долари) беше наменета за тесен круг на инвеститори, а не и на широката јавност. Австралиската берза планира до 2020 поради намалување на трошоците за намирување на акционерите да ја користи blockchain технологијата.

Автор: Гоце Илиевски