Пожарите на Атика проголтаа 33,7 милиони евра - Bits of insurance

Пожарите на Атика проголтаа 33,7 милиони евра

Вкупната почетна исплата на осигурителните друштва за смртните пожари кои дивееа во областа Атика во Грција изнесува најмалку 33,7 милиони евра, изјави Асоцијацијата на осигурителните друштва на Грција (ЕАЕЕ). Врз основа на податоците од компаниите членки на ЕАЕЕ, оштетните побарувања за имотите (домови и канцелариски простории) се проценети на 32,4 милиони евра. Пријавени се вкупно 785 оштетни побарувања за двата видови на имоти, со просечен износ од околу 41,300 евра. Освен тоа, забележани се 212 извештаи за штета на автомобили, кои се проценети на вкупно 1,3 милиони евра, секое на просечен износ од 6,300 евра. ЕАЕЕ изјави дека веќе се исплатени оштетни побарувања за неколку случаи уште од првиот ден после пожарите. 

Откриена причината за пожарите

Трагичните пожари што избија во Атика зедоа најмалку 96 животи. Првиот пламен кој изби е забележан околу 16 и 40 попладнето. Пожарот за брзо време се раширил и било невозможно да се стави под контрола. Поради силниот ветар пожарот се проширил кон исток и за кратко време стигнал до населбата Неос Вуцас, а потоа и до населбата Мати. Крајбрежната населба Мати е одалечена 40 километри источно од главниот град Атина и ја зафати најлош вид на пожар кој се памети по оној кој се случи на Пелопонез во август 2007. На многу веб портали се појави снимка објавена од грчкиот весник „Катимерини“ од која се гледа како избувна пожарот на 23 јули. Се претпоставува дека за пожарот виновен е локален жител, кој случајно ја предизвикал оваа трагедија. Тој се обидувал само да ги запали сувите дрвја и трева на својот имот.

Се верува дека од овој пожар биле изгорени и оштетени околу 1000 згради, а вкупната сума на штетите сѐуште не е проценета.

Автор: Гоце Илиевски