Миленијалци – енигма за осигурителните компании - Bits of insurance

Миленијалци – енигма за осигурителните компании

Како најбројна генерација, однесувањето на миленијалците има големо влијание врз осигурителната индустрија, и во блиска иднина оваа генерација ќе прерасне во доминантна група на пазарот со осигурување. За компаниите од овој сектор од суштинско значење е да инвестираат во нови и иновативни начини за привлекување на помладите генерации како клиенти и како вработени.

Осигурителните компании, мора да се адаптираат на новата миленијална генерација, да ги разберат нивните потреби, и како тие се разликуваат во однос со претходните генерации.

Имено, повеќето миленијалци го одложуваат купувањето недвижнини (повеќе за причините тука), и побарувачката за осигурување на имот меѓу оваа генерација засега е мала. Бидејќи припадниците на оваа генерација не купуваат автомобили како претходните генерации, побарувачката за осигурување на автомобили е исто така – мала.

Според студија спроведена од Limra (консултантска фирма од областа на осигурувањето), помалку од 20 проценти од лицата на возраст од 18 до 34 години изјавиле дека би купиле животно осигурување.

Што ги прави толку специфични во поглед на осигурувањето?

Millennials се малку ангажирани по ова прашање

Миленијалците, честопати перцепирани како генерација која “не се замара”, израснати во ера на интернет, глобализација и низа економски перипетии и тешкотии, голем дел од времето го поминуваат пред компјутер или смартфон. Како последица на оваа “зависност” тие се константно бомбардирани со секакви реклами, видеа, адови (ads), маркетинг кампањи и други облици на рекламирање, и се скептични кон ваквите маркетинг методи на осигурителните компании.

Имајќи го ова во предвид, оваа генерација е повеќе насочена кон препораки од семејството, пријатели или искуства споделени преку социјални мрежи. Оттука, несомнена е потребата од “еволуирање” на осигурителната индустрија со цел да ги привлече помладите генерации и да се одржи растот во овој сектор.

Оваа генерација најчесто ги купува своите полиси за осигурување на интернет

Според истражувањето на Gallup, миленијалната генерација ги купува своите полиси онлајн двојно повеќе од постарите генерации. Доколку овој тренд продолжи, осигурителните компании мора да го променат начинот на интеракција со своите помлади клиенти преку зголемување и подобрување на своите онлајн услуги.

Сепак, и овој начин на купување претставува предизвик за осигурителните  компании бидејќи припадниците на оваа популација се најмалку задоволни од онлајн-купувњето. За да бидат во чекор со помладата генерација и да го привлечат нивното внимание, агенциите за осигурување мора да го подобрат корисничкото искуство (user experience) и да овозможат едноставни, кредибилни и иновативни онлајн платформи. Со примена на овие методи, осигурителните компании ќе изградат подобар однос со миленијалната генерација и ќе ја зголемат нивната инволвираност во иднина.

Тие преферираат компанија за осигурување која соработува со нивното семејство

Кај миленијалците, најголема е веројатноста дека ќе изберат осигурителна агенција која соработува со членовите на семејството, и тие најчесто ја одбираат компанијата која е поврзана со нивните најблиски. Поради ова, агенциите за осигурување треба да ги таргетираат родителите како долгогодишни лојални клиенти, бидејќи семејството има најголем импакт врз изборот на осигурителната компанија на помладата генерација.

Едно е сигурно – специфичноста и преференциите на миленијалците како “модерни клиенти на новата ера” неминовно ќе придизвикаат промена во традиционалните начини на водење бизнис во сите индустрии, па така и во осигурувањето.

Автор: Милан Ристовски