Животно осигурување: привилегија или потреба? - Bits of insurance

Животно осигурување: привилегија или потреба?

животно осигурување

Животното осигурување е развиено на високо ниво на светскиот пазар. Зошто во Македонија неговата стапка на развиеност не е толку голема? Дали луѓето се плашат од овој чекор или пак не се доволно информирани?

Секоја осигурителна компанија која се занимава со животно осигурување треба да го знае правилниот начин на пристап до своите клиенти. По пристапувањето, осигурителниот агент треба соодветно да ги објасни правилата и условите. Доколку се одлучите за животно осигурување треба да ги знаете сите услови. Животното осигурување е една од подобрите инвестиции која може да ја направиме лично за себе и нашите најблиски.

Корените на животното осигурување можат да се најдат далеку во историјата.  Прво нешто што наликувало на животно осигурување се појавило уште во античките добротворни организации. Членовите во овие организации донирале средства во заеднички фонд за кога ќе биде потребно да им се помогне на понесреќните членови на групата.

Денес секојдневно се случуваат трагедии, тоа е неизбежно. При секое вклучување на телевизорот, при отворање на социјален медиум ние сме сведоци на несреќи. Пожари, земјотреси, авионски или сообраќајни несреќи се само дел од ризиците кои не знаеме дали и кога може да не стигнат. Сето ова ја крева свеста кај луѓето за осигурување низ целиот свет.

Иако овој тип на осигурување се уште не е доволно развиен кај нас, сепак свеста за истото кај граѓаните се зголемува. Се поголем број од клиентите се одлучуваат да добијат животно осигурување. Тоа најчесто се случува откако се ќе им биде добро објаснето и ќе согледаат дека животното осигурување е навистина нешто што е значајно и треба да го поседуваат. Веројатно секојдневните ризици за трагедија се мали, но и таа мала веројатност не е безвредна и треба секојдневно да внимаваме. Животното осигурување во никој случај не би требало да биде привилегија. Радува фактот што во Македонија, иако по многу параметри сиромашна држава, полисите за животно осигурување забележуваат раст од година во година.

Автор: Марија Настова