Усогласување на монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки со најновите меѓународни и европски стандарди - Bits of insurance

Усогласување на монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки со најновите меѓународни и европски стандарди

MK_NBRM

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека во текот на јули и август 2018 година, ќе објави податоци од монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки, по нова методологија. Методолошките промени се направени заради усогласување со препораките од новообјавениот Прирачник и упатство за монетарна и финансиска статистика на Меѓународниот монетарен фонд од 2016 година (MFSMCG – IMF, 2016) и Техничката мисија на ММФ од областа на монетарната и финансиската статистика во НБРМ од 2015 година и придонесуваат за обезбедување квалитетни и конзистентни статистички податоци усогласени со највисоките меѓународни и европски статистички стандарди.

Податоците за одделните статистики ќе бидат објавени во согласност со утврдениот Календар на објавување, а истовремено заради обезбедување конзистентност, ќе бидат објавени и ревидирани временски серии податоци. Динамиката на објавување, по одделни статистики, е следнава:

  • Монетарна статистика: на 20 јули 2018 година, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија податоци за периодот од јануари 2009 година до мај 2018 година;
  • Статистика на каматните стапки: на 31 јули 2018 година, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија на податоци за периодот од 2005 година до мај 2018 година;
  • Статистика на останатите финансиски институции: на 31 август 2018 година, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објави и ревизија на податоците за првиот квартал на 2018 година;
  • Биланси и прегледи на финансиските институции: на 31 август 2018 година, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објават и ревидирани податоци за депозитните институции за периодот од првиот квартал од 2012 година до првиот квартал од 2018 година и за останатите финансиски институции за првиот квартал од 2018 година.

НБРМ, покрај податоците, ќе објави и информација за клучните методолошки промени, како и нови методолошки објаснувања.