Рударите порано во пензија - Bits of insurance

Рударите порано во пензија

Министерството за труд и социјална политика ќе предложи законски измени со кои ќе се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Оваа промена ја соопшти минситерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на средба со рударите, менаџментот на рудникот САСА, дел од Синдикатите и градоначалничката Соња Стаменкова.

„Согласно ветеното во програмата за работа, Министерството за труд и социјална политика преку Владата на Р.Македонија изготви законско решение со кое рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија и со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени„, изјави министерката Царовска.

Со предлог измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се овозможува на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж. Ова решение во моментот се однесува само за рударите, но со него се создава можност истата формула за пропорционално намалување на возраста да се применува на сите работници кои работат на работни места со бенефициран стаж.

Министерстсвото за труд и социјална политика ќе продолжи со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка, а ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено тарење.