На првиот јавен повика се доделија 10.5 милиони евра на 79 компании - Bits of insurance

На првиот јавен повика се доделија 10.5 милиони евра на 79 компании

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменикот претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), учествуваше и се обрати на доделувањето на грантови од првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст – 3 столб, настан којшто се одржа во Македонската филхармонија.

Нa првиот јавен повик што го распиша Фондот за иновации и технолошки развој, од премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев и директорот Деспотовски, на 79 микро, мали и средни претпријатија им беа доделени грантови во вкупна вредност од 10.5 милиони евра, или 638 милиони денари, средства за поддршка предвидени во Планот за економски раст.

Премиерот Заев, во оваа прилика изјави дека е потпишан и договор за државна помош со нова,  странска инвестиција, американската компанија Теламон, и најави дека седмицава ќе следува уште една странска компанија.

Во своето обраќање премиерот Заев најави и втор инвестициски бран за кој Владата презема обврска да обезбеди средства за поддршка на компании кои аплицираа со своите квалитетни проекти за третиот Столб од Планот за Економски раст.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, обраќајки им се на добитниците на грантовите, го изрази своето задоволство што мерките од Планот за економски раст, кои беа креирани за поддршка на македонското стопанство, се покажуваат како вистинско решение и ја исполнуваат целта за која се и наменети.

„Република Македонија со сигурност е богата со човечки потенцијал, кој може да ја развива иновативноста. Мерките од третиот столб на Планот за економски раст, за кои денес доделуваме грантови на микро, малите и средни компании, се креирани токму за да ја поттикнат иновативноста, а со тоа да ја подигнат конкурентноста на македонските компании. Само со повисока конкурентност, нашите компании може да се развиваат, да освојуваат нови пазари и да бидат успешни во светот. Ова е само првиот инвестициски бран, затоа ги поттикнуваме компаниите да развиваат нови проекти и да сметаат на тоа дека во Владата ќе имаат сериозен партнер во нивна реализација“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, пред доделувањето на грантовите на компаниите чии проекти беа одобрени од комитет за одобрување инвестиции при ФИТР, рече дека, инструментот наречен „подобрување на иновативноста“ е отворен за сите видови трговски друштва.

„Посебно сме горди што со овој прв инвестициски бран ќе се отворат нови 245 работни места каде просечната плата ќе изнесува околу 800 евра, а со денешните договори кај компаниите ќе се отворат нови 85 работни позиции“, рече Деспотовски.

Во продолжение може да ја погледнете целата свеченост.

Прогласување на добитниците од првиот инвестициски бран во рамките на првиот повик за доделување на грантови од Третиот столб на Планот за економски раст спроведен од страна на #ФИТР

Gepostet von Фонд за иновации и технолошки развој am Freitag, 13. Juli 2018