Германија: Пензионерите примаат социјална помош дополнително - Bits of insurance

Германија: Пензионерите примаат социјална помош дополнително

Речиси секоја втора пензија во Германија е помала од 800 евра месечно, а најголемиот дел од пензиите се под границата од 1.000 евра, се вели во извештајот на Министерството за труд, објавен неодамна.

„48 отсто од пензиите се помали од 800, а 62 отсто од 1.000 евра“, велат од германското Министерството за труд, како одговор на барање од пратеничката група составена од партиите од левицата.

Државното пензиско осигурување во исто време истакна дека ова не е вистинска слика за висината на пензиите во Геманија бидејќи многу корисници на минимални пензии се лица кои со години наназад како самостојни претприемачи го уплаќале најнискиот износ од пензиското осигурување, како и лица кои краток временски период уплаќале во пензискиот фонд.

Најголемиот дел се пензионери со најниски пензии, поточно 64 отсто од нив, се жени.

„Овие податоци се алармантни“, рече Сабине Цимерман претставник од левичарските партии за агенцијата АФП. Министерот за труд, Хубертус Хајл, (СПД) денеска треба да го презентира својот пензиски концепт чија цел е да се намали сиромаштијата кај старото население. Според овој концепт, лицата чиј вкупен месечен приход не надминува 836 евра, ќе имаат право на социјална помош.

Извор точка.мк.