Со паметна картичка - поевтина патарина - Bits of insurance

Со паметна картичка – поевтина патарина

so-pametna-kartichka-poevtina-patarina

Од првата недела на јули во Македонија се воведува електронско плаќање на патарините 

Граѓаните што ќе извадат паметна картичка за плаќање патарини, која во земјава ќе се воведе во првата недела од јули, ќе добијат попуст. Тој се однесува на секоја помината патарина, која ќе ве чини повеќе ако платите во готово. Со ова, велат од Јавното претпријатие за државни патишта, сакаат да привлечат што поголем број граѓани да почнат да го користат електронскиот систем на наплата.
– Поминувањето на патарините ќе биде многу побрзо и поефикасно, ќе се избегне метежот, кој сега е проблем во некои делови. Практично кога ќе поминете со картичката на системот, рампата веднаш ќе се отвори, воопшто нема да има застој – ни изјавија од Јавното претпријатие.
Паметните картички од јули ќе може да се набават на самите наплатни рампи, каде што исто така ќе може да се надополнат со онолку пари колку што сака патникот. Сепак, ќе има минимален износ на кредит кој ќе мора да се купи за да функционира картичката. Таа нема да биде бесплатна, но сѐ уште нема информација колку ќе чини.
Таканаречените смарт-картички по извесен период ќе може да се купат и на бензинските станици или на граница. Патниците ќе може да ги полнат и преку телефон, лаптоп, односно преку посебна апликација. Од есен, пак, ќе се воведе и принципот на траен налог. Освен смарт-картички за електронска наплата на патарини, граѓаните ќе можат да користат и тагови.
Наплатата со готовина ќе остане сѐ додека сите граѓани не почнат да користат картички, но надлежните се надеваат дека тоа ќе се случи најдоцна за три години. Во февруари ќе бидат готови и двете патарини што се планираат на новиот автопат Демир Капија – Смоквица, но сѐ уште нема информација колку ќе се наплаќа.

Подготвил: М.А.М.

Лектор: Ивана Кузманоска

Превземено од fakulteti.mk.